Со 2,5 милиони евра од ЕУ и ФАО експертиза, Македонија ќе го окрупнува земјоделското земјиште

Економија
Typography

Што поскоро да се интервенира во законските решенија, да се искористат искуствата од ЕУ и експертизата на ФАО за окрупнување на земјоделското земјиште, порача денеска евроамбасадорот Самуел Жбогар на работилницата за консолидација во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Како што истакна Жбогар, речиси сите земјоделски стопанства во Македонија се многу мали и се состојат од неколку распрскани парцели. Таквата голема фрагментација влијае врз локалните фармери, ја комплицира обработката, одзема повеќе време и пари, спречува модернизација, примена на современи технологии,… Тоа негативно влијае врз конкурентноста и ќе се одрази на можноста на земјата да се справи со пазарните сили во ЕУ.

– Искуствата на земјите од ЕУ покажаа дека е можно консолидацијата да се спроведе со паралелна заштита на животната средина. Тоа мора да се земе предвид, а треба да се искористи и државното земјоделско земјиште за поддршка на консолидацијата на приватните парцели. Исто така е неопходно и јакнење на администрацијата за изготвување и спроведување национална програма за консолидација, нагласи евроамбасадорот.

Според министерот за земјоделство Љупчо Николовски, Македонија, со 2,5 милиони евра поддршка од ЕУ и стручност на ФАО, во наредните 3,5 години интензивно ќе го спроведува процесот на окрупнување на земјоделското земјиште преку проектот Маинланд што старуваше во март годинава, а ќе трае до август 2020.

– Целта е секое домаќинство да поседува земјиште на поголема парцела, со правилна форма, наспроти сегашните мали парцели на различни локации, што ќе ги намали трошоците за обработка, ќе ја зголеми продуктивноста, можностите за примена на модерни производствени методи и техологии, како и можностите за изградба на подобра рурална инфраструктура, подвлече Николовски.

Окрупнувањето на земјоделското земјиште, објасни, ќе се одвива преку размена на парцелите со или без промена на формата, до целосна менување на нивните граници, за да се добијат површини погодни за производство. Дополнително, обработливите површини ќе се зголемат со инвестирање во хидромелиоративни системи.

– Активностите за селекција на подрачјата за консолидација ќе бидат поддржани од јавна кампања за ​​подигнување на свеста, разбирањето и интересот за овој процес меѓу потенцијалните корисници. Во таа насока се организира оваа денешна работилница, а ќе бидат организирани и четири други, регионални со цел детално информирање на земјоделците и локалните чинители за окрупнување на земјиштето и придобивките за руралните заедници, потенцира министерот.

Активностите на Маинланд ќе се надоврзат на претходните активности на Министерството за земјоделство и ќе ги вградат досегашните искуства за поуспешно и поефикасна консолидација. Во таа насока, дополни Николовски, еден од приоритетите останува подобрувањето на законската и институционалната рамка.

Регистрирајте се со вашето име и емаил адреса на нашиот сервис и бидете секогаш во тек со новости од Македонија и Светот.