Спасовски: Јатаци им помагале на Грујевски и Бошковски

Македонија
Typography

Неразделниот двоец на тајната полиција Горан Грујевски и Никола Бошковски, имале логистика од Македонија додека биле во бегство.

Информацијата која вчера ја објави Алсат М, денеска ја потврди министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервју за емисијата 360 степени. МВР информациите за локацијата на двајцата бегалција ја добиле непосредно од луѓе, а имало и соработка со службите од соседните земји.

„Ова е една акција која што ја работевме регионално, вклучени се повеќе служби и сознанијата кои што ги имавме од претходно доведоа до успешна реализација на оваа акција. За нас како држава во овој момент е важно да се обезбеди правдата во Македонија за сите. Токму од тој аспект клучна задача и цел на МВР беше да ги вклучи сите можни капацитети, да ги лоцираме каде се, заеднички преку регионална соработка која што ја имаме да обезбедиме информации за нив“, рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Засега останува непознаато како Грујевски и Бошковски ја поминале границата со Грција, бидејќи за нив имаше распишано потерницо од Интерпол. Тие обезбедиле лажни пасоши. Горан Грујевски се прекрстил во Христо Иванов, додека Никола Бошковски во Неџби Хасан. Беа уапсени на аеродромот во Солун и наводно требало да летаат до Будимпешта.

Според информации на грчките медиуми, тие можат да се соочат прво со судска постапка таму, за поседување лажни пасоши. Веќе им е одреден притвор. Тие пред властите во Грција побарале да не бидат екстрадирани во Македонија бидејќи се плашеле за сопствените животи. Владата не сакаше да ги коментира обвинувањата од Грујевски и Бошковски дека полицијата под контрола на СДСМ вршела притисок врз нив. Од Илинденска 2 очекуваат тие да бидат испорачани.

„Очекувањата се дека сите меѓународни договори и меѓународни стандарди во вакви случаи ќе бидат испочитувани во редовна постапка и во предвидениот рок“,, рече владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Министерството за правда во текот на денешниот ден ќе го испрати барањето до Апелацискиот суд, за да го обебзеди обвинението против Грујевски и Бошковски кое е неопходно за да се комплетираат документите потребни за нивна екстрадиција. Сепак, останува дилема, кој суд треба да го обезбеди ова, со оглед на тоа што судовите може да си ја префрлаат одговорноста. Обвинението е пред скопска единица, а по жалбите за притвор, но и одлуката за притвор, ја донесе Апелацискиот суд. Грујевски и Бошковски се клучот преку кој СЈО треба да утврди кој стои зад нелегалното прислушување во земјава. Двјацата се обвинети во случаите „Тврдина“ и „Таргет“ заедно со поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.

Бојан Стојановски

Регистрирајте се со вашето име и емаил адреса на нашиот сервис и бидете секогаш во тек со новости од Македонија и Светот.