Коѕијас во посета на Македонија

Македонија
Typography

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, на 31 август ќе го посети Скопје, информираат некои грчки медиуми, јавува дописникот на МИА од Атина.

Како што информира дописникот, посетата на грчкиот шеф на дипломатијата беше најавена уште за време на престојот на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, во Атина во јуни годинава.

Засега нема потврда од грчкото МНР за датумот на посетата, но некои грчки медиуми, повикувајќи се на свои високи извори, тврдат дека прашањето за името ќе биде главна тема за која ќе разговараат министрите за надворешни работи на двете земји.

Во грчките дипломатски кругови оваа посета на Коѕијас се смета за многу важна, особено што се реализира по средбата на грчкиот министер со медијаторот Метју Нимиц во Брисел.

„Прашањето за името ќе биде во фокусот на состанокот меѓу двајцата министри, со оглед на тоа што на нивната последна средба во Атина разговараа главно за мерките за градење доверба“, информираат некои портали во Грција додавајќи дека новата македонска Влада е многу активна и се очекува од есен да почне нови контакти во Брисел со кои ќе докаже дека земјата ги исполнува копенхашките критериуми за добрососедство и демократија“.

Регистрирајте се со вашето име и емаил адреса на нашиот сервис и бидете секогаш во тек со новости од Македонија и Светот.