Шекеринска - Мултановски: Македонија и Полска се пример за соработка

Шекеринска - Мултановски: Македонија и Полска се пример за соработка

Македонија
Typography

Билатералните одбранбени односи меѓу Македонија и Полска се пример за соработка меѓу две партнерски земји и треба да се направат напори тие дополнително да се развиваат, оценија на денешната средба во Скопје министерката за одбрана Радмила Шекеринска и полскиот амбасадор Јацек Мултановски.

Министерката Шекеринска го истакна сериозниот пристап на Владата кон потребните реформи во Министерството и Армијата. Таа посочи дека Македонија ја цени стратешката поддршка што ја добива од Полска за побрза интеграција на земјата во НАТО, со што регионот на Западниот Балкан ќе стане побезбеден и постабилен.

Во контекст на НАТО, амбасадорот Мултановски посочи дека Полска е долгогодишен сојузник на Македонија кој дава поддршка на политиката на отворени врати на НАТО и членството на Македонија во Алијансата.

Полскиот амбасадор, како што соопшти МО, упатил честитки за формирањето на новата Влада и дал поддршка за нејзината посветеност кон реформските приоритети со уверување дека тоа ќе го поттикне процесот на интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. Тој истакнал дека интеграцијата на Македонија ќе помогне во воспоставувањето на стабилност во регионот на Западниот Балкан.

- Во регионален контекст, Македонија може да биде видена како промотор на вредностите на Европската Унија и НАТО-Алијасната, порача амбасадорот Мултановски.

Полска е една од првите три земји со која Македонија потпиша спогодба за соработка во одбраната во 1996 година. Во 2010 година спогодбата беше обновена користејќи го уставното име на Република Македонија. Соработката опфаќа активности во воено-техничката област, заеднички воени вежби, учеството на полски кадети и предавачи на Летниот кампус во Македонија и слично.

Регистрирајте се со вашето име и емаил адреса на нашиот сервис и бидете секогаш во тек со новости од Македонија и Светот.