Ќе боксуваат за милијарда долари - најскапиот боксерски меч во историјата!

Свет
Typography

Мечот помеѓу Флојд Мејведер и Конор Мекгрегор е закажан за 26 август годинава во Лас Вегас, САД, и е предвиден да трае најмногу 12 рунди.

Непоразениот и неприкосновен професионален боксер во пет категории, Американецот Флојд Мејведер, познат по прекарите „Пари“ и „Убавото момче“ и шампионот во мешани боречки вештини (ММА), Ирецот Конор Мекгрегор со прекар „Озлогласениот“ ќе боксуваат еден против друг во меч кој се очекува да направи профит од една милијарда долари. Овој меч е закажан за 26 август годинава во Лас Вегас, САД, и е предвиден да трае најмногу 12 рунди.

Конечно беше склучен договор за најскапиот боксерски меч во историјата, откако менаџерите на двете суперѕвезди ги договорија условите. Ова ќе биде повеќе од бокс-меч, повеќе од спектакл, повеќе од што било досега видено, оти мечот помеѓу двајцата неприкосновени шампиони во своите спортови (Мејведер има 49 победи во исто толку меча, 26 со нокаут и олимписко злато од ЛОИ 1996 година, а Мекгрегор е шампион во ММА и еден најхаризмитичните борци во овој спорт денес), ќе направи неверојатен публицитет и веројатно најголем финансиски профит во историјата.

Мејведер, според информациите, ќе треба да заработи околу 100 милиони долари, а Мекгрегор околу 80 милиони долари од овој дуел, наедно и двајцата ќе поделат голем дел од колачот, пари кои ќе се добијат од системот „плати, па гледај“ преку Интернет, со што се претпоставува дека оваа сума ќе ја надмине магичната бројка од една милијарда долари, сума која никогаш претходно во историјата на некој меч не била достигната.

Повозрасните љубители на боксот паметат неверојатни боксерски мечеви во изведба на великани на овој спорт како Џое Луис, Роки Марсиано, Мухамед Али, Џо Фрејзер, Џорџ Фореман, Реј Робинсон, Мајк Тајсон..., а кои во своите долгогодишни кариери не заработиле ни приближно колку што може да се заработи и од само еден меч денес.

Регистрирајте се со вашето име и емаил адреса на нашиот сервис и бидете секогаш во тек со новости од Македонија и Светот.