ЗОШТО АЗИЈЦИТЕ ЈАДАТ СО СТАПЧИЊА?

ЗОШТО АЗИЈЦИТЕ ЈАДАТ СО СТАПЧИЊА?

Историја
Typography

ЗОШТО АЗИЈЦИТЕ ЈАДАТ СО СТАПЧИЊА?

Првите верзии на стапчињата за јадење датираат, грубо, од пред околу 4-5 илјади години, а се појавиле во Кина. Првичната намена им била за готвење (перфектни се за мешање и манипулација на храната во длабоки садови со жешка вода), а како кујнски прибор за јадење почнале да се користат околу 500-400 година од нашата ера.

Но, зошто Азијците одбрале да користат ваков незгоден прибор?

Еден од факторите е тоа што на Кина ѝ се случил популациски бум. Следствено, ресурсите, меѓу кои и оние за готвење, станале екстремно ретки. Од друга страна, луѓето почнале да ја сечат храната на помали делчиња, за да се зготви побрзо. Зготвената храна во големина на просечен залак, придонела ножевите да станат излишни, а била сосема погодна за јадење со стапчиња. Плус, стапчињата се правеле од евтини материјали, па тоа било сосема доволно за да се роди еден ваков тренд.

Истиснувањето на ножевите од кујната се должи и на учењето на Конфучие, кој бил вегетаријанец. Тој сметал дека ножевите не се прифатливи и соодветни, или поточно:

„Чесниот и искрен човек се држи настрана и од кланицата и од кујната. И тој не дозволува ножеви на неговата маса“.

Во контекст на ова, барем делумно, кинеските стапчиња се традиционално тапи на врвот и се лош избор за боцкање на храна – не се погодни за месо.

Во следните 100 години, трендот се раширил и кај другите азиски земји, како Јапонија, Кореја и Виетнам. На почеток стапчињата во Јапонија се користеле стриктно за религиозни церемонии, но ете, остануваат примарен прибор за јадење се до денешен ден.

Тешко ли е да се јаде со стапчиња?

Ние на Запад често се прашуваме зошто некој би избрал кујнски прибор со кој е тешко да ја уловите храната. Но Истокот и Западот јадат поинаква храна. Во Азија, најголемиот дел од оризот е со мала или средна големина на зрното и е особено леплив и густ, па лесно се лепи во грутки и се манипулира со стапчињата. На Запад, пак, оризот е со големо зрно (често високо-процесирано), а кога ќе се зготви станува „попуфкасто“, поиндивидуално и потешко за неиспраксираната рака да го улови со стапчиња.

Сребрени стапчиња

Додека традиционалните стапчиња се направени од ефтини материјали, како бамбусот, некои од подоцнежните верзии на стапчињата биле направени од сребро, особено во времињата на кинеските династии. Зошто? За да се заштитат големците од труење; Во основа на праксата стои тогашното мислење дека среброто поцрнува ако дојде во допир со отрови. За жал, тоа воопшто не е така – среброто не потемнува во контакт со цијанид или арсеник, но дефинитивно може да ја смени бојата во контакт со лук, кромид или расипани јајца (сите од нив ослободуваат хидроген сулфид, кој реагира со среброто и предизвикува промена на бојата).

Регистрирајте се со вашето име и емаил адреса на нашиот сервис и бидете секогаш во тек со новости од Македонија и Светот.